Барнс: Србија го загуби Косово уште во 1999-та

Американскиот државен потсекретар Николас Барнс во Советот за надворешни односи во Вашингтон говореше за глобалните предизвици во надворешната политика на САД. За Гласот на Америка не сакаше да прејудицира дали Грција ќе го употреби правото на вето на македонските аспирации за НАТО.

Николас Барнс рече дека на повидок е промена во надворешната политика на САД затоа што не може сами да реагираат на сите кризни жаришта во светот.

ОН треба да добијат поголема улога, најави американскиот државен потсекретар. За најжешкото прашање кое во моментов го окупира Стејт департментот, Барнс рече дека национален интерес на САД е Иран да не поседува нуклеарно оружје и дека дипломатската битка ќе продолжи придружена со економски санкции додека Техеран не се откаже од своите нуклеарни намери. Тој упати апел до Кина и Русија да го поддржат новиот пакет санкции врз Иран ако не ги почитува резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

На прашањето на Гласот на Америка на македонски за можноста од грчко вето на македонскиот пат кон НАТО, тој рече:

„Се надевам дека ОН во посредувањето ќе пронајдат решение кое ќе биде задоволително и за грчката и за македонската влада. Ако можеме да бидеме од корист во процесот, ќе помогнеме. Не можам да предвидам што ќе се случи, но не сакам да кажам и дека нема да се постигне решение, зашто сите ќе се обидеме да биде најдено.“

Зборувајќи за регионот и најновиот развој на настаните по немирните протести во Белград по прогласувањето независност на Косово, Барнс вели:

Од наша перспектива, Србија го загуби Косово во периодот меѓу март и јуни 99-та. Тие се обидоа да протераат милион луѓе надвор од земјата, а тоа беа косовски Албанци. Влеговме во војна со Србија да го спречиме тоа и успеавме. Со резолуцијата 12.44 на Советот за безбедност од 99-та јурисдикцијата врз покраината беше во раце на ОН, а не на Србија.“

Според него, ако имало одложување на независноста на Косово, на Балканот ќе имало поголеми проблеми. Барнс рече дека САД морале да реагираат превентивно во правец на зајакнување на мирот во регионот. Оваа провинција никогаше повеќе не може да биде дел од Србија, категорично оцени американскиот државен потсекретар.

САД се против поделбата на Косово. И ОН нема да дозволат тоа да се случи, рече Барнс, кој додаде дека независно, демократско и слободно Косово е единствено решение.