ОН започнаa глобална кампања против насилството врз жените

Шефот на ОН посочи на црната статистика за насилство против жени и девојчиња во светот:

-Барем една на секои три жени е во ризик да биде тепана, присилена на секс или на друг начин злоупотребена во животот.

Бан Ки-мун забележа дека со праксата на полова селекција пред раѓањето, на неброено многу други женски деца им е оневозможено дури и да постојат. Други се жртви на трговија со луѓе, сексуално малтретирање, осакатување на половите органи, таканаречени убиства за заштита на честа, и убиства на женски новороденчиња.

Статистиката на ОН покажува дека повеќе од сто држави немаат специфични законски одредби против домашно насилство. Силување во брак не се гони во најмалку 53 држави, а само 93 од речиси 200 држави опфатени со истражување имале некакви законски одредби против трговијата со луѓе.


Генералниот секретар на ОН побара сите влади да ги ревидираат своите закони и да донесат нови за да бидат сигурни дека насилството против жените е дефинирано како кривично дело. Тој предупреди и дека нееднаквоста на половите го забавува напредокот кон Целите на ОН за милениумскиот развој, што се стремат да ја преполоват екстремната сиромаштија до 2015. Бан Ки-мун забележа и дека насилството врз жените само надодава на значителните општествени и економски проблеми во семејствата и заедниците.

-Кога работиме на искоренување на насилството врз жените, му даваме сила на нашиот најголем извор на развој – мајки кои ги одгледуваат своите деца, законодавци во парламент, директори, преговарачи, наставници, лекари, припаднички на полицијата, на мировните мисии, и многу повеќе.

Кампањата „Да се обединиме за крај на насилството врз жените“ ќе продолжи до 2015, за да се совпадне со крајниот рокот за Милениумските развојни цели.