По средбата со египетскиот претседател Хосни Мубарак во одморалиштето Шарм ел Шеик на Црвеното Море, Буш се заложи дека ќе остане ангажиран во мировните напори, и, како што рече - стои на реченото:
- Кога американскиот претседател ќе каже нешто, тоа и го мисли. Кога велам дека ќе се враќам, за да останам посветен на парашањето, тоа и го мислам. Кога велам дека сум оптимист дека може да постигнеме договор, го кажувам тоа што го мислам.
На осумдневната турнеја претседателот Буш побара арапска поддршка за своите мировни напори меѓу Израелците и Палестинците, како и обединет став во однос на Иран.
Буш по средбата со Мубарак изјави дека израелско-палестинскиот мир е можен, но предупреди дека нема да се случи доколку арапските лидери останат настрана.
Мубарак кажа дека го поддржува обидот на Буш да постигне мировен договор до крајот на оваа година:
- Поготвени сме, рака под рака со САД, квартетот земји и сите останати и регионални чинители, да работиме на сеопфатен и праведен мир, за да ставиме крај на израелско-палестинскиот судир и да отвориме нов хоризонт на Блискиот Исток.
Буш се заблагодари на Египет за поддршката на либанската влада и истакна дека Сирија и Иран мора да прекинат да се мешаат во либанската политика. Буш исто така изрази надеж дека Египет ќе продолжи да прави потези кон поголема демократија.