Гласањето во Њу Хемпшир значаен чекор за влез во Белата куќа

Анкетите во Њу Хемпшир пред гласањето на републиканска страна даваа мала предност на сенаторот Џон Мекејн пред поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни. Мекејн во кампањата подвлекуваше дека е најдобриот кандидат да се спротистави на радикалниот ислам. Поранешниот гувернер на Арканзас Мајк Хакаби, кој победи на минатонеделното гласање во Ајова, според анкетите е на трето место.

Кај демократите, судејќи повторно според испитувањата на јавното мислење, во значителна предност е сенаторот Барак Обама пред сенаторката Хилари Клинтон и останатите кандидати. Бројна група луѓе бурно го поздрави Обама за време на вчерашната кампања, но тој ги предупреди симпатизерите да не избрзуваат со проценките дека битката е добиена.

Во Њу Хемпшир кандидатите особено водат битка за независните гласачи, кои сочинуваат 40 проценти од гласачкото тело на оваа сојузна држава.

Процесот на прелиминарни избори по сојузни држави ќе кулминира со републиканските и демократски национални конвенции на кои и ќе бидат истакнати партиските кандидати кои ќе се соочат на директните претседателски избори што ќе се одржат во ноември годинава.