Интервју со Славко Маџаров, почесен конзул на Република Македонија во Њу Џерси
Педесетгодишниот бизнисмен Славко Маџаров од неодамна е именуван за почесен конзул на Република Македонија во Њу Џерси. Вели дека и досега ја извршувал таа функција - унапредување на американско-македонските односи.
Маџаров вели дека секогаш нуди помош на нашинци кои се прв пат во САД и се соочуваат со бројни административни проблеми. Го сметаат за македонски мецена во Клифтон, Њу Џерси каде живеат повеќе од 20.000 Македонци. За себе вели дека е едноставен човек. На шега вели дека најголем проблем му е што нема проблеми.
На Авенијата Гети, се наоѓа паркингот со црвено-жолти камиони со опрема за вадење азбест од ѕидови кои се заштитен знак на неговата фирма - Славко констакшн. Се занимава и со демолирање и изградба на нови домови. Клиенти му се државни и приватни фирми и компании, а неретко добива и тендери на државно ниво.
Запрашан како гледа на изборите во САД, Маџаров вели дека Македонците гласаат според личното убедување и тука нема традиционалност:
- Би можел да кажам дека во 2004-та година Македонија под уставното име ја призна администрацијата на Републиканците. Сепак, ние имаме пријатели и меѓу Републиканците и меѓу Демократите. Многу учиме од конгресменот Бил Паскрел, ни укажува и се гордееме што ни е пријател.
Во „Славко констракшн“, околу 80 лица се постојано вработени, а во летниот период, најмува и двојно повеќе работници затоа што тогаш има најмногу работа.
Дошол во САД пред 20 години во потрага по подобар живот. Почитуван меѓу пријателите, семејството и во општината, Маџаров е пример за успешен Македонец. Не ги крие личните врски со видни актуелни политичари.
Тој вели дека во неговата животна приказна, тајната на успехот е упорноста. Иако бизнисот го почнал со 100 долари в џеб, Маџаров вели дека клучот е точност и професионалност во исполнување на обврските со што
ја стекнал довербата меѓу американските партнери.
За Конзулатот, Маџаров вели дека е мост во комуникацијата меѓу македонската заедница, со нивните потреби и барања, и американските власти, но и обратно.