Протести на Западниот Брег и Појасот Газа против конференцијата во САД

Палестинската полиција на Западниот Брег применила сила за да ги растури протестите против блискоисточната мировна конференциај во Анаполис, американската сојузна држава Мериленд.

Медицински лица велат дека во Хеброн едно лице починало од повредите нанесени од огнено оружје додека безбедносните сили лојални на претседателот Махмуд Абас пукале во воздух и користеле палки против демонстрантите. Полицијата растурила протести и во Рамалах, Наблус и Џенин.

Многу поголеми протести се одржаа во Појасот Газа со кој раководи Хамас. Таму протестираа илјадници Палестинци.

Една од водечките фигури во Хамас, Исмаил Ханијех, ги повика арапските земји да ја отфрлат - како што кажа самиот - опсадата на Газа. Тој рече дека арапските нации не треба да бидат соучесници во конференција на која на Палестинците нема да им биде понудено ништо.

Хамас го нарекува претседателот Абас предавник на палестинскиот народ. Милитантната група не го признава Израел и не беше поканета на конференцијата чиј домаќин е САД.