Мендух Тачи:  Фуере да си ја гледа својата работа!

Фуере да си ја гледа работата - Вака вчера реагираше лидерот на Демократската партија на Албанците Мендух Тачи, по критиките од европретставникот во Македонија Ерван Фуере, кој го осуди неговиот говор во Парламентот, на седницата на која се расправаше за интерпелацијата за заменик- министерот Рефет Елмази. Тачи тогаш обраќајќи им се пратениците од СДСМ и ДУИ ги нарече четници. Тој не се кае за она што го кажал и отфрла дека реагирал емотивно.

- Тоа не е емотивен говор. Ако јас сега би го нарекол г-динот Фуере четник или војвода сигурно и тој емотивно би реагирал. Мислам дека е недозволиво да се заборават една година провокации, тенденција на омаловажување и навредување на национален план од страна на СДСМ и ДУИ кои мене ме нарекуваат војвода, а сега цел свет да пукне што јас нив ги нарекувам четници.

Мислам дека г-диниот Фуере подобро е да си ја гледа својата работа, да не се шета по неформални организирани конференции за некаков дијалог во кукавички гнезда, каде учествува само опозицијата. Тоа не е никаков дијалог.

„Ќе се согласам, ќе носам чин на војвода, но вие да се прашате господа - кои сте? Мали четничиња“ - рече Тачи од говорницата минатата недела, споменувајќи ги тука лидерот на ЛДП Манасиевски, лидерката на СДСМ Шеќеринска, претседателот Црвенковски и екс- претседателот Глигоров.

Токму тоа амбасадорот Фуере го оцени како непарламентарен јазик, притоа не споменувајќи го конкретно Тачи. Тоа го повтори и на завчерашната дебата „Дијалози за Македонија“ што ги организира претседателот Црвенковски. Европретставникот рече дека таквиот јазик во Парламентот не доликува на земја-кандидат за членство во ЕУ.