Форум во американско - грчкиот институт Политиката на Вашингтон спрема Македонија и Балканот – институционализирана нестабилност

Американската политика не ги третира своите партнери подеднакво. Одлуката за признавање на Македонија под уставното име во ноември 2004-та е избрзана затоа што Грција, како проверен сојузник и членка на НАТО, не била консултирана за одлуката на САД, смета Даг Бандоу, излагачот на форумот. Според овој американски стручњак од истражувачката и лоби- група Конзервативна одбрамбена алијанса, тоа може да доведе до реваншизам, па дури и да бидат покажани и територијални претензии.

Вакви проблеми може да се провлечат и во НАТО при следното проширување, планирано за Самитот во Букурешт во 2008-ма. Најлошо, смета Бандоу, е овој балкански проблем, како и можноста за независно Косово по 10-ти декември да станат проблеми за Брисел – во НАТо и во ЕУ.

На прашање на Гласот на Америка на македонски да ја коментира изјавата на брифингот во подкомитетот за Европа во Конгресот од страна на државниот потсекретар за политички прашања Николас Барнс дека на Македонија не треба да и` биде откажана поканата за НАТО од ниту една причина, освен доколку таа не е поврзана со критериумите за членство, Бандоу одговори:

- Проблемот со тој став е што прашањето за името е мошне важно за билатералните односи со Грција. Ако имате проблем меѓу членка и потенцијална членка, самото влегување во НАТО ќе го донесе тој проблем, таа контроверза во Алијансата и може во нејзини рамки да ги затруе односите. Значи, тоа е прашање што навистина мора да се реши. Фактот дека тоа и` е од важност на Грција значи дека е од важност и за НАТО, и оттаму е прашање што Вашингтон не треба да го отфрла.