Џулијани: Јас сум најголем конкурент на Хилари Клинтон

Џулијани се соочува со силен предизвик од поранешниот сенатор од Тенеси, Фред Томсон, сенаторот од Аризона, Џон Мекејн и поранешниот гувернер на Масачусетс, Мит Ромни. Неколкумина други републикански претседателски кандидати следат веднаш потоа.

Водството на Џулијани е на некој начин изненадување, бидејќи неговиот став по прашањата како абортусот, истополовите бракови и домашната контрола на оружјето се коси со оној на конзервативците од Републиканската партија. Тој, пак, коментира:

-Јас сум најголем конкурент на Хилари Клинтон и водам во некои сојузни држави кои вообичаено гласаат во полза на демократите. Никој го нема сторено тоа.

Политичките експерти велат дека поранешниот градоначалник на Њујорк е во водство меѓу републиканците бидејќи гласачите му даваат високи оценки заради начинот на кој се справи со ситуацијата по терористичките напади врз САД во 2001-та.

Други аналитичари за републиканската трка сметаат дека таа е мошне отворена.

Стивен Вејн, професор за владини прашања на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон вели:

-Тие се депримирани заради администрацијата на Буш, непопуларноста на претседателот и недостатокот на успех во Ирак. Депримирани се и бидејќи никој од четворицата главни републикански кандидати не внесува вистинска енергија.

Тоа чувство на неизвесност на републикански терен се чувствува и во сојузните држави, како Њу Хемшир, каде ќе се одржат прелиминарните избори.

Данте Скала, кој предава политички науки на Универзитетот Њу Хемшир, коментира:

-На републиканска страна, навистина сите карти се на маса. Сметам дека тоа можно е да бидат најнеизвесните прелиминарни републикански избори во историјата на прелиминарните избори во Њу Хемшир.

Ајова, уште една од сојузните држави во САД каде ќе се одржат прелиминарните избори, ќе го започне номинирачкиот процес на почетокот на јануари. Републиканците и формално ќе го номинираат својот кандидат за престојните претседателски избори на Националната конвенција што ќе се одржи во септември 2008-ма во Минеаполис.