Шест часа не им беа доволни на лидерите на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДПА да ги усогласат ставовите за Законот за јавно обвинителство. Денешната лидерска средба заврши без договор.
- Ги отворивме сите спорни точки - и технички, и нетехнички. Имаше одреден прогрес, но не успеавме да го довршиме. Веројатно повторно ќе имаме средба со надеж дека овој прогрес ќе успееме да го преточиме во завршен договор, изјави по средбата лидерот на ВМРО - ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, кој најави нова средба за ова прашање. Според него, има само една спорна точка - процедурата за назначување и разрешување на обвинители и начинот на избор на оние обвинители на кои им завршува мандатот.
Опозицијата бара конкретни и прецизни критериуми дали на актуелните обвинители ќе им биде продолжен мандатот, што за владејачките партии е неприфатливо.
Лидерката на опозицијата Радмила Шеќеринска со критики до власта дека и` е поважно да има инструмент за партизација на обвинителството, отколку позитивни оценки од Брисел. Но, таа признава дека има извесен напредок во однос на собранискиот деловник:
-Мислам дека по повеќе прашања постигнавме некоков компромис, меѓутоа се уште многу се отворени. Хендикеп беше и тоа што во рамките на Владата двата коалициони партнери немаа ист став по едно важно прашање, а тоа е употребата на албанскиот јазик во Парламентот.
На средбата во Клубот на пратениците единствено не дојде Али Ахмети. Лидерот на ДУИ уште пред десетина дена најави бојкот на лидерската средба, незадоволен што нема да се разговара за нивните барања - Законот за употреба на јазиците и легализирање на статусот на припадниците на ОНА.