Коневска Трајковска и Фуере за извештајот од Европската Комисија

Без разлика какви ќе бидат оценките, македонската Влада, извештајот од Европската Комисија нема да го доживее како негативен. Ова е ставот на вицепремиерката за евроинтеграции Габриела Коневска Трајковска, по најавите дека годишната оценка за тоа до каде е Македонија на патот кон евроинтеграциите содржи критики за политичкиот дијалог, кохабитацијата, судските реформи и политичките смени во администрацијата. Ние на ЕУ гледаме како на партнер:

- Владата на РМ, ја смета Европската комисија за свој партнер. Единствено она што ќе биде нотирано што ќе биде позиционирано во извештајот ќе биде наша основа за следни засилени активности во области кои ќе бидат посочени. Партнерските односи меѓу себе не ги квалификуваат негативни

Извештајот, што се очекува да биде објавен на 6 ноември, за европретставникот во Македонија Ерван Фуере е реална оценка која треба да помогне во имплементирањето на реформите:

-Извештајот од Европската Комисија како и секоја година претставува една објективна, реалистична проценка за прогресот што е направен. Тоа е многу важен инструмент кој може да ја води Владата и понатаму во осигурувањето дека сите реформи што не се завршени ќе бидат усвоени и ефективно имплементирани.

Фуере вчерапопладне се сретна со лидерите на ДПА, ДУИ и СДСМ. Овие средби тој ги оценува како „искористување на извештајот како еден вид помош и водич, во духот на консензус да се спроведат сите реформи што ќе бидат посочени како неопходни во следната фаза на членството во Унијата, а тоа е добивање датум за започнување на преговорите“. Според најавите од Брисел, во овој извештај нема да има препорака за започнување на преговорите за членство.