Американски конгресмени во одбрана на уставното име на Македонија

Во излагањa во Претставничкиот дом, демократскиот конгресмен од Њу Џерси Бил Паскрел и неговиот републикански колега од Индијана Марк Саудер стапија во одбрана на уставното име на Република Македонија.

Паскрел во средата изрази загриженост за „неоснованите обвинувања и неточни информации“ во Резолуцијата 356 на Претставничкиот дом и ги повика колегите повторно да ја разгледаат целата ситуација при разгледувањето на мерката. Тој потсети дека во резолуцијата постојано се употребува референцата „Поранешна југословенска Република Македонија“ – , иако Република Македонија ја признале 118 држави, меѓу кои и САД. Паскрел додаде дека Македонија отсекогаш потенцирала дека нема ексклузивно право врз името Македонија во географска, културна, историска и комерцијална конотација.

Според Паскрел, Македонија во својот Устав ја зајакнала одредбата за неменливост на границите, додавајќи дека нема територијални претензии врз соседите. Република Македонија е цврст сојузник на САД и обезбедува војници за мисиите ов Ирак и во Авганистан, во период кога бара полноправно членство во ЕУ и НАТО, вели Паскрел

Во вторникот, и републиканскиот конгресмен од Индијана Марк Саудер говореше за Република Македонија како за пријател и произведувач на стабилност. Саудер оцени дека е дојдено време грчките пријатели да им дозволат на граѓаните на Република Македонија да го искористат сувереното право - самите да решат за името на својата земја.