Разузнавачки извештај заклучува дека ирачката влада нема постигнато голем напредок

Американската влада објави делови од разузнавачки извештај во кој се доведува во прашање способноста на ирачкиот премиер Нури ал-Малики да ги надмине секташките разлики во земјата.

Извештајот заклучува дека е направен мал политички напредок во Ирак и дека има малку надеж да се направи напредок во иднина. Меѓутоа, извештајот не препорачува предвремено повлекување од Ирак, со напомена дека американските сили постигнале извесен успех во сузбивање на секташкото насилство.

Во говорот пред група воени ветераниво средата, претседателот Буш кажа дека го поддржува премиерот Нури Ал-Малики, нарекувајќи го „добар човек кој има тешка работа“. Ден претходно, Буш призна дека постои „фрустрираност“ во врска со владата на Малики и бавното темпо на политички напредок во Ирак. Па сепап, претседателот подвлекува дека е до Ирачаните, а не до политичарите во Вашингтон да решат дали премиерот ќе остане на функцијата. Во понеделникот, претседавачот на Сенатската комисија за вооружени сили, демократот Карл Левин, побара Малики да биде сменет.

Во средата, Малики возврати дека САД не треба да поставуваат временски рокови на Ирак. Тој кажа дека неговата земја може да најде и други сојузници освен САД.

Коментарите доаѓаат пред септемврискиот рок во кој американската влада треба да објави проценка за напредокот во Ирак. Конгресот побара ирачката влада да оствари конкретни цели како предуслов за натамошно финансирање на армиските операции.