Средба Буш-Карзаи

САД соработуваат со НАТО и авганистанските сили во борбата против талебанските милитанти, кажа Буш. Првиот човек на САД вчера на заедничката прес конференција со авганистанскиот претседател рече дека американските сили чинат се` што е во нивна можност да го заштитат локалното население. Во операциите под водство на САД и НАТО, досега животот го загубија неколку стотици цивили:

-Можам да ги уверам Авганистанците, како што го уверив и претседателот, дека чиниме се` што можеме да ги заштитиме недолжните – дека при вршењето на армиските операции имаме на ум дека недолжни лица може да бидат изложени на опасност, и дека ќе ги прилагодуваме акциите соодветно на тоа.

Карзаи рече дека и покрај успехот со симувањето на Талебан од власт во операцијата под американско раководство во 2001-ва, остатоци на режимот залудно работат на повраток, и целат на оние кои не можат да се бранат:

-Талебан претставува опасност по недолжните – децата кои одат на училиште, свештенството, учителите, хуманитарните работници од странство. Талебан не претставува никаква закана по владата на Авганистан, или пак нејзините институции.

Кога во 2001-ва влегоа во Авганистан, американските сили имаа задача и да ги искоренат терористите на Ал-Каида. Лидерот на терористичката мрежа, Осама бин Ладен, и натаму е во бекство, и најверојатно се наоѓа во зафрлените племенски области на Пакистан долж границата со Авганистан. Буш вчера кажа дека е убеден оти со вистинско разузнавање, САД и Пакистан можат да ги пронајдат и убијат главните лидери на Ал-Каида, но не појасни дали САД би преземале акција без да го консултираат Пакистан.

Буш рече и дека за време на дводневната посета на Карзаи разговарале за потребата од сузбивање на трговијата со дрога и одгледување на афион во Авганистан за производство на опиум. Карзаи се заблагодари на својот домаќин за помошта што Вашингтон ја дава во намалување на смртноста кај новороденчињата во земјата.