Американско-македонските односи и аспирациите на Македонија за членство во НАТО – на брифингот на оваа тема што се одржа вчера во Конгресот на САД беше истакнато македонското сојузништво и пријателство во клучни моменти.
Вашингтон, 1-ви август 2007-ма. Првиот дел на брифингот, на кој настапија заменик- помошникот државен секретар Розмари ди Карло и заменик-помошникот секретар за одбрана Даниел Фата, беше затворен за медиумите.
Во вториот дел, домаќините - конгресмените Бил Паскрел, демократ од Њу Џерси и Марк Саудер, републиканец од Индијана, ја истакнаа македонската поддршка и сојузништво во клучните моменти – како во тековните мисии во Ирак и Авганистан, така и во логистичката поддршка за време на воздушната кампања на НАТО на Косово во 1999-та.
Конгресментот Саудер се осврна и на американскиот став во врска со името, во контекст на неодамнешната конгресна резолуција околу која се крена многу прашина, бидејќи Македонија се споменува под референцата БЈРМ, без оглед што САД ја признаваат под уставното име.
- Според мене, прашањето со името беше решено, но повторно беше отворено од Конгресот. Ние ја признавме земјата како Македонија. Се` беше релативно мирно и се движеше во вистинска насока, се` до моментот кога - за жал - во Конгресот мина нова резолуција што повторно ја отвори дебатата за името. Дотогаш Грција беше доста изолирана во дебатата. Една држава во основа може да се нарекува како што сака. Оваа дебата за името е попрво наметната однадвор, отколку што Македонија се обидува да издејствува некаква одлука, рече Саудер.
Конгресменот Бил Паскрел од Њу Џерси истакна од кои причини се заложиле да бидат пријатели на Македонија:
- Ако јас и Марк (Саудер) почувствувавме дека Република Македонија има претензии кон некоја земја надвор од нејзините граници – немаше да бидеме на овој настан. Точка.
Регионалниот директор за Европа на Меѓународниот републикански институт Линдзи Лојд ја истакна проатланската ориентација на Македонија. Според него, 91 процент од населението го поддржува влезот во НАТО - највисока поддршка на Балканот. За споредба, во Хрватска тој износ е 55 проценти.
Роберт Бенџамин, кој е директор за Централна и Источна Европа од Националниот демократски институт, оцени дека во Македонија има политичка волја за надминување на етничките тензии, за разлика од Босна. Тој потсети дека албанското малцинство учествува во власта од осамостојувањето. Проблеми има - рече Бенџамин - но Македонија успешно ги надминува преку институциите на системот.
Амбасадорот Зоран Јолевски очекува Македонија да добие покана за членство во НАТО во 2008-ма и оцени дека земјата е контрибутор, а не консумент на безбедноста. За Косово, Јолевски го повтори ставот дека Македонија е попрво за статус отколку за статус-кво и дека го поддржува планот на Ахтисари.