Меѓународната конференција за проблематичниот регион заврши со спогодба за координирање на идните мерки, но на неа не учествуваа дел од клучните инстанци
Текст: Францускиот претседател Никола Саркози ја започна конференцијата со драматичен повик, порачувајќи им на делегациите од преку 15 земји дека „тишината убива“, како и дека меѓународната заедница мора да каже – „што е доста – доста е“.
Но, на крајот делегатите немаа што многу да објават. Францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер кажа дека делегациите ја афирмирале поддршката за постојните иницијативи, меѓу кои и предвидената заедничка мировна мисија на Африканската унија и Обединетите нации, како и обидот да се издејствува политички договор меѓу Картум и бунтовничките групи.
Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс предочи дека САД ќе продолжат да вршат притисок за санкции против Судан:
- Не може повеќе да дозволиме ситуација во Дарфур во која се прават договори, а потоа не се почитуваат. САД ќе продолжат да инсистираат дека мора да има последици по Судан дококу не ги почитува преземените обврски.
На средбата беа дадени и нешто дополнителни средства хуманитарна помош. Франција вети нови 13 милиони долари, а Европската унија 36.
Инстанците најдиректно вклучени во конфликтот во Дарфур не беа на конференцијата. Судан не беше повикан, а членовите на Африканската унија одбија да присуствуваат.