Стејт департмент: Тероризмот на светско ниво пораснал за 40 проценти

Во терористички напади минатата година загинале повеќе од 20.000 лица, а речиси половина се случиле во Ирак. Таму загинале приближно 13.000. Нападите во Авганистан нараснале за речиси 50 проценти, стои во извештајот на Стејт департментот.

Расел Траверс, заменик-директор на Националниот центар за контратероризам говори за жртвите:

-Од 20.000 загинати, над половина во светски рамки се муслимани, кои паднаа од рака на исламистички екстремисти.

Претставникот на Стејт департментот за контратероризам Франк Урбанчиќ вели дека иако апсењето и елиминирањето на терористи е фундаментално, тоа самото не ја отстранува терористичката закана.

-Мора да градиме мрежа од влади, граѓани и организации, меѓународни институции и бизнис групи во кои се има доверба, а кои ќе соработуваат за да ја отстранат заканата од насилен екстремизам и радикална идеологија.

Стејт департментот во годишниот извештај ги наведува Иран, Сирија, Судан, Куба и Северна Кореја како држави – спонзори на тероризмот. Во него се потенцира дека Иран е на врвот на листата и продолжува да го дестабилизира Ирак со обезбедување на оружје, обука и финансирање на ирачките милитанти.

Во делот за Македонија се вели дека активната примена на легилатурата за контрола на извозот на добра и технологии за двојна употреба ја покажала заложбата на земјата да спречи потенцијално опасна технологија на терористи и криминални режими. Во него се истакнува и учеството на македонски војници во мисиите во Авганистан и Ирак .