Буш:  Конгресот да одобри средства за војната во Ирак без условување

Ирак деновиве една од главните теми во САД на релација влада – конгрес. Американскиот претседател синоќа побара законодавците да го одобрат неговото барање за итни трошоци за војната во Ирак, но без никакво условување.

- Конгресот треба брзо да реши по прашањето, да ги одобри побараните средства, и да им дозволи на нашите луѓе на теренот да си ја вршат работата, изјави Џорџ Буш по средба со група армиски и цивилни лица кои ќе заминат за Ирак каде ќе работат на проекти за обнова на земјата.

Претставничкиот дом во моментов расправа за верзија на планот за итни трошоци тежок 124 милијарди долари за поддршка на војните во Ирак и Авганистан, но на кој по иницијатива на демократите му е додадена одредба американските борбени сили да го напуштат Ирак најдоцна до септември 2008-ма. Тоа е и причината што претседателот се закани со вето доколку ваквата верзија дојде на неговата маса на конечен потпис. Пред и да дојде до тоа, мерката најпрвин треба да добие мнозинска поддршка во Претставничкиот дом и Сенатот.

Првите луѓе на републиканците во Претставничкиот дом најавуваат дека ќе го отфрлат предлогот, со образложение дека тој би ги врзал рацете на американските армиски команданти во Ирак. Демократските лидери во истиот дом, пак - каде имаат мнозинство - веруваат дека ќе убедат доволен број од своите сопартијци да гласаат „за“.

Во исто време, Сенатската комисија за распределување на средствата разгледува слична нацрт-мерка, полесна за три милијарди долари, но во која се бара претседателот да започне да ги повлекува американските сили во рок од четири месеци од нејзиното усвојување, а американските борбени операции да завршат до март 2008-ма. Слична резолуција, поднесена од демократите, беше одбиена во Сенатот минатата недела со тесно мнозинство

.