Калид Шеик Мухамед тврди дека ги организирал терористичките напади од 11-ти септември 2001-ва

Калид Шеик Мухамед признава дека стои зад нив во записникот што го објави Пентагон доцна во средата, а што е направен за време на армиски судски претрес одржан на 10 март. Мухамед вели дека е одговорен „од А до Ш“ за нападите на 11-ти септември. Тој тврди дека лично го обезглавил американскиот новинар Даниел перл, кој беше грабнат и убиен во Карачи, Пакистан во 2002-ра година. Делот за убиството на Перл беше објавен дури вчера, откако пентагон најпрвин го информирал неговото семејство. Мухамед веќе подолго време се сметаше за осомничен во убиството.

Пакистанскиот државјанин вели и дека бил воен оперативен командант на Ал-Каида за сите странски операции ширум светот, признава дека го планирал нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк од 1993-та, како и нападот во Бали, Индонезија, во 2002, во кој загинаа преку 200 лица. Се` на се, тој презеде одговорност за вкупно 31 напад и заговор, од кои некои и не биле изведени.


Распитот на Мухамед беше со цел да утврди дали тој потпаѓа под класификацијата „непријателски борец“ и дали може да му се суди како на таков. Тој е меѓу 14-те таканаречени „притвореници од висок профил во Гвантанамо“ за кои деновиве се одржуваат претреси.

Наведувајќи безбедносни причини, Пентагон забрани новинарите директно да известуваат од претресите.

Групите за заштита на граѓански права, странски влади и некои американски политичари ја осудија тајноста на овие процеси и на правниот процес во Гвантанамо воопшто. Тие тврдат дека на притворениците не им се овозможени доволни права и правно застапништво.