Сао Паоло е првата станица на шестдневната турнеја на претседателот Буш, каде на средбата со својот бразилски колега Луис Инасио Лула да Силва беше дискутирано за плановите за производство на биогориво.
На САД и Бразил отпаѓаат околу 75 проценти од светското производство на етанол, а Бразил е најголемиот извозник. Буш кажа дека договорот ќе созададе нови работни места во Бразил.
Околу шест илјади лица протестираа против Буш непосредно пред неговото пристигнување. Бразилската полиција употреби солзавец, па дури и сила против некои од демонстрантите откако тие започнаа да фрлаат камења. Полицијата и демонстрантите се судрија и во Богота, Колумбија, каде Буш ќе престојува во недела.
Белата куќа вели дека целта на посетата е добрата волја, односно да се стави акцент на борбата против сиромаштијата во регионот. Критичарите, пак, тврдат дека таа е насочена против растечкото влијание на претседателот на Венецуела Хуго Чавез, кој е еден од најистакните противници на американската администрација. Чавез најави дека ќе учествува на денешниот протест против Буш во Аргентина. Американскиот претседател, пак, рече дека го поздравува планираниот протест бидејќи ја сака слободата и правото на луѓето на изразување.