Британија во наредните месеци планира да повлече 1.600 свои војници од Ирак

Одлуката за повлекување на дел од војниците од Ирак премиерот Тони Блер ја образложи во говорот пред британските парламентарци.

- Со тоа ќе се намали сегашниот број војници - 7.100, што самиот е помал од бројот пред две години - преку 9.000 и 40-те илјади за време на конфликтот. Новиот број ќе изнесува приближно 5.500 војници.

Британскиот премиер истакна дека британските војници ќе останат во Ирак во најмала рака до 2008-ма, се` додека, како што кажа, се потребни за извршување на безбедносните операции.

По одлуката на Тони Блер уследи реакција од американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, која изјави дека меѓународната коалиција во Ирак предводена во САД ќе остане обединета.

Во Вашингтон, портпаролот на Белата куќа кажа дека претседателот Буш на најавите за повлекување на британските сили гледа како на успех, бидејќи овие сили во Басра успеале во задачата - одговорноста за безбедноста да ја предадат на Ирачаните.

Портпаролот на Пентагон, Брајан Витман рече дека повлекувањето на 22 проценти од британските сили било координирано со воените команданти во Багдад. Одлуката, вели тој, значи дека ситуацијата во и околу Басра е релативно стабилна.

- Басра не е Багдад и во Басра Британците во рацете на ирачките безбедносни сили предадоа огромен дел од одговорностите за тој регион.

Во меѓувреме, Данска најави дека до август планира да го повлече контингентот од 460 војници од јужен Ирак, а истото го планира и Литванија, со повлекување на околу 50 свои војници.