Посетата на првиот човек на Пентагон се случува во време кога претседателот Буш ја разгледува опцијата за испраќање на околу 30.000 дополнителни американски трупи во Ирак со цел запирање на тамошното насилство. Секретарот Гејтс изјави дека за време на средбата со војниците од нив побарал и своевиден совет околу актуелната ситуација во Ирак. Тој рече дека трупите ја поддржале идејата за распоредување на дополнителни војници во земјата, но истакна дека притоа треба да се земат предвид и други фактори.
- Треба да го земеме предвид ставот на ирачката влада, на нашето раководство, на нашето воено раководство.
Гејтс беше нејасен околу прашањето дали ирачката влада би се согласила со идејата за повеќе трупи.
- Би рекол дека она за што разговаравме е како би можеле да и помогнеме на ирачката влада во воспоставување на поголема безбедност во Багдад. Би рекол и дека не стана збор за никакви бројки за дополнителни трупи и за трупи воопшто. Фокусот на разговорите беше главно ставен на генералниот пристап, вклучувајќи ја и можноста за одредена дополнителна помош.
Секретарот Гејтс ќе го даде своето мислење и предлози за ситуацијата, штом ќе се врати во Вашингтон. Тој рече дека дознал многу нови информации за време на средбите што би му помогнале во формулирањето на советот до претседателот Буш.
Гејтс денешните средби со премиерот Нури Ал Малики, со својот ирачки колега и претставници на ирачкиот Совет за национална безбедност ги опиша како мошне позитивни. Тој истакна дека САД и Ирак се партнери во овој процес.
- Успехот на нашето партнерство не може да се оствари без постоење на безбедност на ирачкиот народ. Со претставници на ирачкото раководство разговаравме за различни опции и како што реков претходно, сите опции се на маса.
А во меѓувреме, насилството во Ирак продолжува. Како што соопшти ирачката полиција, во најновиот самоубиствен бомбашки напад, овојпат пред полициски регрутен центар во Багдад, загинале најмалку 13, а повредени се преку 15 лица.