Кој е победник, а кој поразен во последниот конфликт на Блискиит исток?

Откако беше објавен прекин на огнот меѓу милитантите од Хезболах и израелската армија, се прават последните подготовки за распоредување мировници на ОН, но и либанска војска во јужниот дел од Либан. Сепак, продолжуваат да се чувствуваат последиците од едномесечниот крвав конфликт на Блискиот исток. Се прават проценки која од завојуваните страни се стекна со подобра позиција како резултат на борбите.

За претседателот Буш Хезболах е очигледен губитник.

- Хезболах има одлична пропагандна машина и тврди дека победил. Но, како може да биде победник кога на времето беше држава во држава на југот на Либан, а сега ќе биде заменет со либанската армија и меѓународни сили?

Па сепак, изненадувачки силниот отпор на Хезболах против Изрел ги освои срцата на многумина во арапскиот свет. Поранешниот американски дипломат Девид Њутон коментира:

Голем број Арапи гледаат на Хезболах како на херој. Одеднаш, една мала милитантна организација без тешко оружје или авиони се спротистави на најдоминантната армија на Блискиот Исток, израелската.

За импликациите по Израел, Елејн Лапсон од аналитичката организација Центар Хенри Стимсон во Вашингтон вели:

Ништо што ќе произлезе од овој конфликт нема да ја промени претставата во Израел дека е навистина тешко да се постигне мирна коегзистенција и позитивна интеракција со арапските соседи.

САД, пак, беа критикувани што не реагирале порано за прекин на огнот. Претседателот Буш ги отфрла таквите критики со коментар дека уште од почетокот побарал од обете страни да ги заштитат животите на недолжните граѓани и ја истакнува дипломатската улога на државниот секретар Кондолиза Рајс. Елејн Лапсон, пак верува дека конфликтот ги поткопал американските интереси во регионот.

Некои аналитичари предвидуваат дека на долгорочен план, најповеќе корист би можел да има Либан, со тоа што ќе ја поврати контролата на југот на земјата, а најповеќе да загуби Хезболах, во смисла на своето влијание.