Во потрага по решение за кризата на Блискиот Исток

Дипломатите се во интензивни преговори, но засега нема индикации дека постои заеднички став за тоа како да се реши ескалирачкото насилство во конфликтот Израел-Хезболах. Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан и американскиот државен секретар Кондолиза Рајс имаат различни гледишта по прашањето дали треба да се инсистира на моментално примирје.

Анан верува дека прекин на борбите е вистинскиот чекор. Тој тоа јасно го кажа пред Советот за безбедност на ОН, но САД не се на иста релација.

Американскиот амбасадор во Светската организација, Џон Болтон вели дека САД, познати како силен поддржувач на политиката на Израел, се уште не одлучиле дали тој чекор ќе биде продуктивен.

Се обидуваме да најдеме решение што фундаментално ќе ја промени реалноста во регионот и ќе го поштеди израелскиот и либанскиот народ од заканата од тероризам.

- Ќе ги разгледаме идеите на генералниот секретар како и извештајот на тимот кој работи на прашењето, изјави Болтон.

Тимот кој беше во регионот денеска во Њујорк се среќава со секретарот Рајс, а портпаролот на американскиот Стејт Департмент најави патување на државниот секретар во регионот – в недела.