Иран има проблем со пакет предлозите

  • Чалис МекДона
Ирански официјални лица отфрлаат некои аспекти на меѓународниот пакет поттици чија цел е Иран да се натера да ја суспендира својата нуклеарна програма. Главниот ирански преговарач за нуклеарното прашање, Али Ларијани, на новинарите во Каиро им кажа дека има проблем со договорот што е понуден од меѓународната заедница. Зборувајќи пред новинари во Каиро тој кажа дека предлозите содржеле некои позитивни точки, но во исто време има и проблеми и работи што можело да се толкуваат на повеќе начини. Во слично обраќање во Техеран, портпаролот на Министерството за надворешни работи кажа дека Иран не прифаќа некои аспекти од пакетот.

Иран не кажа за што е загрижен во однос на пакетот, но иранските лидери повеќе пати ја отфрлија идејата дека треба да престанат со збогатувањето на ураниумот, што е една од главните цели на целиот пакет-предлози.

Пакетот го составија Британија, Франција и Германија и на него се согласија САД, Русија и Кина. Тој на Иран му нуди поттици за кои се верува дека вклучуваат делумно симнување на американските економски санкции, како и можни казни доколку Иран одбие да ги спечи активностите на збогатување.

Во петокот претседателот Буш кажа дека Иран има недели, а не месеци да одговори на предлогот. Ларијани ја отфрли и таа идеја.

Во Техеран, портпаролот на Министерството за надворешни работи истото го повтори.

Ларијани беше во Каиро во обид да добие Арапска поддршка за својата нуклеарна програма. Тој се сретна со генералниот секретар на Арапската лига, Амр Муса, и со египетскиот претседател Хосни Мубарак.