Буш ќе испрати 6.000 војници на границата со Мексико  

Припадниците на Националната гарда ќе бидат распоредени на границата со Мексико, најави синоќа американскиот претседател во обраќање до нацијата посветено на имиграционата реформа – прашање што деновиве предизвикува големо внимание и подделени мислења во САД.

Оценувајќи дека како резултат на илегалната имиграција САД немаат целосна контрола над границите, претседателот Буш побара од Конгресот да обезбеди средства за повеќе граничари и подобра погранична технологија.

„Во координација со гувернерите на сојузните држави, околу 6.000 припадници на Националната гарда ќе бидат распоредени на нашата јужна граница“ рече Буш во обраќањето од Белата куќа. Тој подвлече дека тоа не значи оти САД ја милитаризираат границата со Мексико, како и дека земјата и натаму ќе биде американски сосед и пријател. Единиците на Гардата, рече американскиот претседател, само ќе и́ помагаат на Пограничната контрола и нема директно да бидат вклучени во спроведувањето на законот против илегалната имиграција.

„САД може истовремено да бидат нација каде владеат законите и нација на имигранти и тие две цели не се контрадикторни“, нагласи синоќа претседателот.

Тој решението го гледа во неговата предлог-програма за странски работници со која би се регулирал нивниот влез и привремениот престој. Тоа, смета Џорџ Буш, ќе ја задоволи потребата од дополнителна работна рака во САД, ќе ја намали илегалната имиграција и трговијата со луѓе преку соодветно документирање, а истовремено не претставува амнестија, бидејќи овозможува само привремен престој. Буш е против автоматска амнестија, но и против масовна депортација на милионите илегални имигранти во земјата, и затоа побара средно решение со кое оние кои веќе работат во САД со години би добиле можност да застанат во ред за државјанство.

Говорот на претседателот паѓа во време кога Сенатот расправа за реформа на имиграционите закони, а дебатата по ова прашање резултира во длабоко поделени мислења.