Како се спроведува проектот „Е-Македонија“

  • Соња Трајковска
    дописник

Македонија е една од ретките земји во светот каде постои целосна покриеност со безжичен компјутерски пристап. Сепак, процентот на оние што ги користат овие услуги се уште е едноцифрен. Економската состојба и високите цени на интернет импулсите - тука невладините организации и владата, задолжени за спроведување на проектот „Е-Македонија“ го лоцираат проблемот.

„Имајќи ја предвид економската состојба, особено процентот на невработеност и економската моќ на просечното македонско семејство, огромен дел од младата популација, особено во руралните и неразвиените подрачја во Македонија, се́ уште не е опфатен и нема пристап до Интернет и комјутер“, вели Зоран Стојковски од невладиниот сектор.

Тој открива дека дури и невладините организации слабо стојат на овој план - во просек, секоја од нив поседува по три компјутери и само една третина реализираност на проектите поврзани со користење на информатичката технологија.

Во Владата, пак, се оптимисти - со намалувањето на цените на импулсот, ќе се зголеми бројот на корисниците, вели портпаролот Сашо Чолаковски.

„Релативно се високи центите на интернет-импулсот. Релативно. Во однос на регионот - тука сме некаде, но во сооднос со нашите состојби, би рекол дека се релативно високи. Верувам дека тој процент - како што ќе паѓа цената на импулсот - така и ќе влегува по домовите“.

Минатата недела Владата демонстрираше како ќе изгледа една целосно електронска седница. Портпаролот Чолаковски вели дека со тоа се намалуваат трошоците, но и се обезбедува целосна транспарентност, бидејќи се́ што ќе се сработи веднаш е достапно за корисниците. Процентот на населението што ќе ги користи ваквите услуги, ќе се зголемува преку образовниот процес.

Информатичкото образование влезе како задолжителен предмет во основното и средното образоавание, односно стана составен дел на образовниот систем на Република Македонија, со што стекнувањето на нови знаења преку информатичката технологија станува императив за земјата, за, велат во невладиниот сектор.