Само 31 процент од Американците ја одобруваат работата на претседателот Буш

Најново истражување на јавното мислење во САД покажа дека рејтингот на претседателот Буш и натаму опаѓа, и сега е на најниско ниво во петте години колку што е на функцијата.

Денес објавените податоци од анкетата на Њујорк Тајмс и Си-Би-Ес Њуз индицираат дека само 31 процент од Американците ја одобруваат работата на претседателот Буш. Во последниве 50-тина години, само претседателите Ричард Никсон и Џими Картер имале понизок рејтинг.

Според истражувањето, Американците се незадоволни од учинокот на претседателот во врска со војната во Ирак, покачената цена на бензинот и реакцијата на ураганот Катрина. Во просек, седум на секои десет анкетирани веруваат дека земјата оди во погрешна насока.