ЕУ бара излез од уставниот ќорсокак

  • Светлана Јовановска
    дописник

Европската комисија смета дека е потребно да се работи чекор по чекор за да се создадат услови за институционална реформа што ќе и овозможи на ЕУ во иднина да работи со повеќе членки и да биде на висината на своите амбиции.

Бриселскиот егзекутив под раководство на Хозе Мануел Баросо наредната година ќе побара од европските лидери да потпишат декларација за целите и вредностите на ЕУ. Ова би бил првиот конкретен чекор за излез од уставниот ќорсокак и парализата во земјите-членки во однос на реформата на институциите. Тоа е и причината поради која европското извршно тело на европските лидери ќе им предложи две конкретни работи. ЕК ќе побара од земјите-членки да и́ префрлат овластувања за одлучување во полициски и криминални области со што би требало да се отстрани опасноста од национални вета кои ја блокираат секоја заедничка акција. Освен тоа, Брисел предлага сите законски предлози отсега да ги испраќа директно во националните парламенти и да ги покани да го подобрат процесот на формулирање на политиката.

Според експертите, ова е прв јасен сигнал од ЕК дека им дава поддршка на националните парламенти во нивната желба да играат позначајна улога што би спречила претерана законска регулатива во ЕУ. ЕК ветува и помала бироктратија, полесен пристап до документите на ЕУ за граѓаните и промени во заедничкиот пазар. Оваа идеја се најде во предлогот на ЕК што потоа ќе патува на самит за да се види што за тоа мислат лидерите.