ВМРО-ДПМНЕ вчера ја промовораше економската програма што ќе им ја понуди на гласачите во кампањата. „Преродба во сто чекора“ е насловот на економската програма што вчера на јавноста и́ ја презентираше лидерот на оваа опозициона партија Никола Груевски. „Нудиме конкретни чекори и конкретни потези за тоа како да се направи преродба и да се излезе од економската криза во која се наоѓа Македонија“, изјави Никола Груевски.
Програмата, меѓу другото, предвидува намалување на даноци, фондови за поддршка на развој на мали и средни претпријатија и други мерки што треба да ја подобрат економската слика во Македонија.
Со реакција на мерките што се предвидени во програмата на опозиционерите се јави Никола Поповски, актуелен министер за финансии и еден од носителите на изборната листа на владеачките социјалдемократи, задолжен за економски прашања. „Мерките што ги предвидува ВМРО-ДПМНЕ во нивната програма се надвор од реалноста, а некои делуваат утопистички“, изјави Никола Поповски, коментирајќи ја економската програма на неговите политички соперници. Социјалдемократите најавија дека ќе ја презентираат својата економска програма на јавноста кон крајот на месецот.