Американската влада објави план во случај на пандемија на птичји грип

  • Бил Роџерс

Белата куќа објави нацрт-план - како би реагирала на избивање на птичји грип во земјата. Планот содржи посебни упатства за секоја владина агенција и дава предлози за деловниот сектор, образовниот, како и за индустријата на здравствена заштита. Без оглед на мерките, од планот е јасно дека ќе биде тешко да се контролира евентуална пандемија.

Предвидувањето е застрашувачко: до два милиони мртви во САД во случај на избивање на птичји грип. Болниците преплавени со пациенти, а работната сила најмалку две недели намалена за 40 проценти. Тоа, сепак, е само најлошото можно сценарио, вели советникот за домашна безбедност Френсис Таусенд, која го објави извештајот во средата.

„Тоа сценарио е најлошото, но не сметаме дека е најверојатното. Дали сметам дека ќе дојде до хаос? Не, и токму тоа е самата цел на подготовката на национален план“.

Меѓу предложените мерки: ограничување на патувањето низ земјата и карантин за инфицираните патници. Целосното затворање на границите е исклучено бидејќи, како што се вели во извештајот, тоа е тешко остварливо.

Стручњаците сметаат дека вирусот го шират птиците преселници, кои го пренесуваат на домашните, а тие, пак, на луѓето. Меѓутоа, засега тешко доаѓа до инфекција кај луѓето.

Па сепак, добра идеја е да се биде подготвен за најлошото. Доктор Ентони Фаучи од Националниот институт за здравство вели:

„Со оглед на податоците од минатото за тоа што може да стори една пандемија на грип, би било неодговорно да бидеме неподготвени. Не да креваме паника дека дошол крај на светот, туку да внимаваме што се случува и да се подготвиме“.

Можеби ќе биде тешко да се спречи масовното ширење на грипот, смета лекарот Мајкл Алсвид: „Лично мислам дека е погрешно мислењето оти грипот е нешто што лесно може да го изолирате“.

Американската влада предвидува дека пандемијата – доколку дојде до неа – ќе се равива споро, со недели и месеци, со што властите би имале време да ги ублажат последиците од заразата.