Како државата го третира сопствениот народ е силна индикација за тоа како ќе се однесува кон своите соседи, рече американскиот државен секретар Кондолиза Рајс на отворањето на прес конференцијата во Стејт Департмент на која го претстави извештајот.
Во делот за Македонија, извештајот вели дека сеуште се случува злоупотреба на власта од страна на полицијата врз осомничени, особено при апсење или приведување. Коалиција на невладини организации забележала 100 вакви наводи кои инволвираат 122 лица, меѓу кои 47 етнички Албанци, 52 етнички Македонци и 18 Роми.
Од друга страна, извештајот вели – иако арбитрарно апсење и приведување е забрането со закон, тоа било проблем и во 2005. Полицијата продолжила и со праксата на повикување осомничени и сведоци во полициски станици заради „информативни разговори“ без да ги информира лицата за нивните права.
Притворот во Македонија, пред судењето, не може да трае повеќе од 180 дена, но имало тврдења дека судството го прекршило законот во неколку случаи, а има регистрирано извештаи и за притисок од владата да се изрече притвор во случаи кога можеле да се употребат други средства за обезбедување присуство на судењето.
Во однос на медиумите, извештајот забележува дека тие се поделени по етничка линија, особено по жешки политички прашања, иако нема официјални владини печатени медиуми.
Слободното практикување на религија во Македонија е дозволено, со тоа што има ограничувања во однос на местото каде таа ќе се практикува, но заради укинувањето на некои одредби за регистрирање на верски групи, имало конфузија за тоа какви се денеска правилата, вели извештајот на Стејт Департмент.
Имало и појави на вандализам на верски објекти, а годината завршила со несогласување во исламската заедница во врска со контролата на објект во Тетово, што останало нерешено.
Во делот за внатрешно раселени лица, се наведува дека во 2005 бројката се намалила во однос на претходната, а по етничка припадност биле главно етнички Македонци.
Бегалците во Македонија се заштитени со закон, немало злоупотреби од страна на власта, но некои женски бегалци пријавиле злоставување од неофицијални лица.
Во поглед на изворниот систем во државата, голем простор во извештај е посветен на нерегуларностите забележани во локалните избори.
Сепак далеку поголем проблем за американскиот Стејт Департмент е корупцијата која ја имало во извршната и законодавната гранка на власта, но особено загрижувачка во правосудниот систем. Како напредок се наведува решавањето на случаи на корупција од висок профил, како осудата на Љупчо Поповски, поранешен министер за одбрана, и случајот на поранешен градоначалник на Шуто Оризари. Тука е и пресудата за Никола Тасев, поранешен генерален директор на Нова Македонија и ослободувањето од обвинение на Бесник Фетаи, министер за економија во време на приватизацијата на Нова Македонија.
Што се однесува на дискриминацијата по различни основи, извештајот вели дека социјалната дискриминација опстојува против етничките малцинства, особено Ромите, а заштитата на правата на жените останува проблем.
Вакви извештаи се објавуваат секоја година од 1977 наваму на барање на Конгресот. Тие на законодавната и извршната власт во САД им служат како референца за односите со странски влади, организации и поединци, а информациите се собираат од владини и мултилатерални институции, невладини групи, академски извори, новинари и од медиумите.