Дали Белата куќа манипулирала со разузнавачките податоци за да ја оправда војната во Ирак?

Како претседател и врховен командант, ги прифаќам одговорностите, критиките и последиците што доаѓаат од така важна одлука. Иако е сосема легитимно да се критикува мојата одлука или начинот на кој се води војната, крајно неодговорно е да се преработува историјата за тоа како започнала војната.

Вака претседателот Буш во петокот реагираше на критиките од Демократската партија дека Белата куќа бирала разузнавачки податоци за да ја оправда војната во Ирак. Претседателот тврди дека таквиот навод е неоснован и само ги охрабрува американските непријатели. Американскиот советник за национална безбедност Стивен Хадли додава – некои од податоците можеби биле погрешни, но во нив имале увид сенаторите од обете партии.

Некои од денешните критичари во 2002-ра самите веруваа дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување, и гласаа за употреба на воена сила. Игнорирањето на сопствените искази ја покажува шупливоста на нивната сегашна критика.

Политичките аналитичари наведуваат дека иако Белата куќа најжестоко досега ги отфрла критиките, во јавноста расте сомнежот за војната во која досега загинаа над 2.000 американски војници. Демократите коментираат – тоа е знак дека оваа влада не знае како да се справи со ситуацијата во Ирак. Според последната анкета на Асошиетед Прес, рејтингот на претседателот Буш е на рекордно ниско ниво – 37 проценти.