Средба Буш-Прванов

На средбата во Белата куќа, претседателот Буш, Бугарија ја нарече стратешки партнер на САД и вреден партнер на НАТО, а разговорите биле фокусирани на трансатлантската агенда.

„Вашата земја претставува силен пример за демократско општество“, истакна американскиот претседател Џорџ Буш на прес конференцијата по средбата со својот бугарски колега. Тој рече дека било разговарано и за важната улога на Бугарија во предводење на напорите за помош во развојот на младите демократии.

„Соработувајќи со земји како Бугарија, ја поставуваме основата за мир. Демократиите се мирољубиви спрема своите соседи, а на Балканот му е потребен мир, исто како и на Блискиот Исток, горд сум што САД се ваш пријател“.

Од своја страна, бугарскиот претседател изрази благодарност заради, како што рече, мошне искрените и отворени разговори со својот домаќин, претседателот Буш.

„Имав шанса да изнесам конретни точки во однос на бугарските амбиции – а тоа се модернизација на армијата и вклученост во одредени енергетски проекти на Балканот.“

Господинот Прванов ја реафирмирал определбата на Бугарија за учество во антитерористичката коалиција. Тој посебно се заблагодари за американската поддршка во процесот на станување партнер во НАТО на кој може да се смета, и во процесот на приклучување на Бугарија кон ЕУ. Особено ме радува, рече тој, висок респект што го добивме од американска страна за улогата на Бугарија како стабилизирачки фактор на Балканот.