САД:  Вратата отворена, членството во НАТО засновано на учинокот

Според претставник на Стејт департментот, американската влада во моментов го разгледува стратешкиот правец на НАТО и започнала консултации со сојузниците во Брисел за тоа како натамошно да се трансформира Алијансата. Вo тие рамки, САД веќе дале предлози на НАТО-сојузниците за евентуални самити на Алијансата. Бидејќи сојузниците ги разгледуваат нашите сугестии, во моментов не е соодветно да даваме дополнителен коментар, смета претставникот на Стејт департментот, кој сакаше да остане анонимен.

Коментирајќи на прашање на Гласот на Америка на македонски - каков е американскиот став за членството на Македонија, Албанија и Хрватска во НАТО - во контекст на вчерашната изјава на заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Курт Вокер, дадена во Брисел, дека трите земји треба да почекаат барем до 2008-ма година, претставникот на Стејт департментот укажа на ставот на НАТО дека вратата на Алијансата останува отворена, како и на изјавата на претседателот Буш дека членството е засновано на учинокот. Сакаме да се осигураме дека аспирантите ќе ги добијат сите можности да се подготват за обврските на членството во НАТО, вели американскиот владин претставник.