Претседателот Буш го одбележа Денот на независноста со говор во малото место Моргантаун, во федералната држава Западна Вирџинија, каде кажа дека копнежот по слобода, што ги инспирал основачите на САД, и натаму ја води земјата во денешното ширење на слободата во светот.
Претседателот Буш на присутните кои вееја американски знамиња по повод Денот на независноста им порача дека од самиот почеток на американската револуција, битката за слобода отсекогаш барала издржливост и пожртвуваност:
„Ја паметиме групата патриоти кои ги ризикуваа животите за да донесат слобода на новиот континент. Нашите претци искусиле ужасни загуби и неволји, но ја задржале решеноста и вербата во иднината на слободата. Преку нивната тешко освоена победа, во Декларацијата на независност влезе пропозицијата дека сите луѓе се раѓаат еднакви“.
Буш истакна дека слична решеност ќе биде потребна за да се победи во војната против тероризмот. За таа цел, подвлече американскиот претседател, САД мора да ја прошират слободата на Ирак и надвор од неговите граници и да не загубат трпението:
„Со напредување на каузата на слободата во овој проблематичен дел од светот ќе го отстраниме изворот на нестабилноста и насилството. Ќе создадеме мир за нашите деца и внуци“.
Подоцна неделава, претседателот Буш ќе замине за Шкотска на Самитот на Групата осум. Зборувајќи во Белата куќа, Буш истакна дека глобалните климатски промени ќе биде една од главните теми на разговорите со лидерите на индустриски најразвиените земји во светот и Русија.
Некои европски државници го криткиваа претседателот Буш поради тоа што ги отфрли мерките за намалување на гасовите штетни по озонската обвивка содржани во Протоколот од Кјото, кој стапи на сила минатата година. Но, претседателот Буш изјави дека е време Кјото да се стави зад грб и да се разговара за тоа што може заеднички да се стори за заштита на животната околина.