Карла Дел Понте:  Можевме да задржиме само едно обвинение од Македонија

Главниот обвинител за Хашкиот трибунал за воени кривични дела сторени во поранешна Југославија Карла дел Понте вели дека трошоците и крајниот рок што Советот за безбедност на ОН го оредил за завршување на работата на Судот биле причина да се задржи само еден случај од Македонија, а другите да бидат вратени назад. Таа зборуваше во американскиот Институт за мир во Вашингтон.

Еден ден по излагањето пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк, главниот обвинител на Трибуналот за поранешна Југославија Карла дел Понте вчера престојуваше во Вашингтон. На трибината во американскиот Институт за мир ја запрашавме дали може да ја коментира одлуката на судот за враќање на сите предмети од Македонија, со исклучок на еден, по истрага водена за барем уште неколку во кои извршители на делата се припадници на другата страна во конфликтот. Таа беше подготвена:

„Да, секако дека можам да коментирам. Во тоа време се боревме со македонскиот обвинител да ги донесеме овие случаи во Хаг, затоа што беше важно да ја изведеме истрагата, да подигнеме обвинение за изврешителите да бидат изведени пред суд“, кажа госпоѓата Дел Понте.

„Но тогаш дојде одлуката за стратегија на комплетирањето на работата , од страна на Советот за безбедност. Така, јас бев конфронтирана со многу, многу лоша ситуација, бидејќи имав листа од двесте осомничени, а Советот за безбедност ми вели - не, мора да завршите до одреден датум“.

„Се разбира, јас не можев да ги оставам сите истраги“, кажа обвинителката, додавајќи дека случаите во Македонија се испитувале исто како и оние од другите земји.

„Можевме да задржиме само едно обвинение. Заради трошоците, и заради тоа што министерот за внатрешни работи беше висок функционер (тоа го задржавме), а другите случаи бевме обврзани да ги вратиме. Затоа ги подготвивме овие досиеја за враќање во Македонија. Ми беше речено дека Македонија не ги сака тие случаи“, рече главниот Хашки обвинител.

Карла дел Понте кажа дека како секој друг обвинител сака да биде во можност да ги спроведе сите потребни истраги , но дека работи по одлука на Советот за безбедност и мора да ја заврши до одреден датум: „Ние искалкуриваме дека за донесување на Караџиќ и Младиќ ќе ни треба одредено време и вчера, кога трибуналот му кажа на Советот за безбедност дека ќе ни требаат уште девет-десет дополнителни месеци во 2009 - Советот за безбедност не беше многу среќен“.

„Меѓународната правда зависи од трошоците“, рече госпоѓа дел Понте. Тоа - вели таа - не е добра евалуација на меѓународната правда, но Советот за безбедност го прави балансот на своите трошоци. „Трошоците за Трибуналот се сто дваесет милиони долари годишно и сега мора да ја заврши работата“.

„За Македонија ние ќе постигнеме договор, а велам `ние`, зашто секако ќе мораме да ги испратиме назад предметите, но можеме многу да им помогнеме на македонските власти да ги завршат истрагите, бидејќи тие истраги не се завршени, и тие да ги водат судските постапки. Иста е ситуацијата и со Босна и Херцеговина, со Хрватска и со Белград. Разликата е во тоа што Белград сака да ги има тие случаи, Хрватска сака да ги има тие случаи, а Македонија не беше многу среќна заради тоа“, кажа главната обвинителка на Хашкиот трибунал во Американскиот институт за мир во Вашингтон.

Мандатот на трибуналот, според одлуката на Советот за безбедност, е до 2008 да завршат судењата, а до 2010 сите жалбени постапки.