Трамп до лидерите во Давос: Произведувајте во Америка или плаќајте тарифи

Претседателот Доналд Трамп им порача на светските бизнис лидери во четвртокот во Давос да ги произведуваат своите производи во Америка или ќе се соочат со царини.

Ова е прво големо обраќање на Трамп до светските лидери откако тој повторно ја презеде претседателската функција во понеделникот.

Порака од Трамп до светските лидери: https://truthsocial.com/@realDonaldTrump/113878735259604426

Трамп уште од неговата инаугурација рече дека Вашингтон би можел да воведе големи царини за главните трговски партнери Канада, Мексико и Кина уште од 1 февруари.

Тој, исто така, потпиша низа декрети, вклучително и повлекување на Соединетите Држави од Парискиот договор за климата и Светската здравствена организација. „Дојдете и произведувајте ги вашите производи во Америка и ние ќе ви дадеме некои од најниските даноци од која било земја“, нагласи новиот претседател на САД.

Меѓутоа, ако не ги произведувате вашите производи во Америка, тогаш многу едноставно ќе мора да плаќате тарифи“, рече Трамп за време виртуелен говор на Светскиот економски форум во Давос.

Во својот говор тој нагласи и дека верува оти пониските цени на нафтата ќе помогнат веднаш да се стави крај на војната во Украина.

„Исто така, ќе побарам од Саудиска Арабија и ОПЕК да ја намалат цената на нафтата. Ако цената се намали, руско-украинската војна веднаш ќе заврши. Во моментов цената е доволно висока за војната да продолжи“, рече американскиот претседател. Тој исто така рече дека сака што поскоро да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да обезбеди крај на војната.

За време на кампањата, тој постојано најавуваше дека ќе има договор меѓу Украина и Русија за завршување на војната уште на првиот ден од неговиот мандат, ако не и порано. Сепак, неговите советници сега велат дека тоа може да потрае со месеци. „Навистина посакувам наскоро да се сретнам со претседателот Путин за да ја прекинеме оваа војна. И тоа нема никаква врска со економијата или ништо друго, станува збор за изгубени милиони животи... тоа е крвопролевање. И, навистина треба да го запреме ова војна“, рече Трамп.

Тој додаде дека се надева оти американските напори за обезбедување мир сега се во тек, но не даде дополнителни детали. Тој го коментираше и прашањето за Кина, наведувајќи дека сака „многу добри односи“ со таа земја, но нагласи и дека Америка сака само „праведност“.

За време на првиот мандат на Трамп, Вашингтон и Пекинг водеа тарифна војна, при што американскиот лидер уште еднаш и се закани на Кина со царини. Трамп во својот говор исто така сигнализираше дека ќе изврши притисок за намалување на каматните стапки.

Тој, исто така, зборуваше за внатрешните прашања во Америка - како што е ревидирање на политиката за промена на половите - и повтори дека „официјалната политика на САД е дека има само два пола, машки и женски“.

Тој, исто така, го критикуваше „машкото учество во женскиот спорт“ и додаде дека операциите за промена на полот „ќе се случуваат многу ретко“.