Изборот на Доналд Трамп за претседател на САД носи големи очекувања кај власта и опозицијата во С.Македонија. Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, очекува продлабочување на партнерството и пријателството меѓу двата народи.
„Под вашето почитувано претседателство, ние цврсто веруваме дека врските меѓу македонскиот и американскиот народ ќе бидат силно зајакнати, создавајќи подлабоки дипломатски, економски и културни врски кои ќе ја поттикнат регионалната стабилност и зацврстување на нашите заеднички вредности и интереси“, напиша Сиљановска.
Во честитката на Сиљановска Давкова до Трамп на социјалната мрежа X, уште се вели, дека ги подржува неговите напори за ставање крај на конфликтите во светот.
„Ви ги упатувам моите најтопли честитки за вашиот историски избор за 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави. Огромната поддршка од американскиот народ ја одразува нивната доверба во вашето лидерство и визија, доверувајќи ги своите надежи на вашето раководство за раст и просперитет на нацијата. Претседателството ќе започне златна ера на напредок, единство и успех, каде што оптимизмот ги поттикнува иновациите, ја зајакнува економијата и ги зајакнува вредностите кои ги прават Соединетите Американски Држави глобален светилник. Ние сме длабоко инспирирани од вашата решителна посветеност за поттикнување на глобалниот мир и сме целосно посветени на поддршката на вашите одлучувачки напори за ставање крај на конфликтите и промовирање трајно разбирање преку границите“, додава Сиљановска.
И, лидерот на СДСМ, Венко Филипче очекува продолабочувње на врските меѓу двете држави.
„Убеден сум дека под негово водство, стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија ќе продолжи и ќе се продлабочи. Северна Македонија и Соединетите Американски Држави имаатдолгогодишни врски на пријателство и соработка, и верувам дека тие ќе се развијат уште повеќе, кон наш взаемен напредок и благосостојба“, вели Филипче.
И, претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, упати честитки до претседателот Трамп за преземањето на функцијата претседател на САД, како што напиша, на најмоќната демократска земја во светот.
„Несомнено, САД се наш најважен сојузник и столб на глобалниот мир, демократија и стабилност.Целта на нашата политика беше и останува да ги продлабочиме односите со овој незаменлив сојузник, кој постојано ја докажува својата посветеност за промовирање на слободата и правдата.Претседателот Трамп и за време на неговиот претходен мандат покажа решителност и силно лидерство во меѓународната политика, посветувајќи се на воспоставување мир и просперитет во светот. Силно верувам дека Соединетите Американски Држави, под водство на претседателот Трамп, ќе продолжат да бидат пример за трајните вредности на демократијата и силен поддржувач на единството и развојот наспроти предизвиците што претстојат“, напиша Ахмети.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, напиша дека САД, не само што претставуваат одлучувачки фактор во глобалните политики, туку и непоколеблив сојузник на Северна Македонија. Тој заедно со претставници на коалицијата „Вреди“ е во Вашингтон.
„Заедно со претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, и заменик пртседателот на Владата, Изет Меџити, тука сме за да ја докажеме сериозната посветеност во зајакнувањето на ова сојузништво. Со нетрпение чекаме да ја продлабочиме соработката во остварувањето на нашите заеднички заложби за зајакнување на мирот, безбедноста и демократијата. Честитки до претедателот Трамп, неговата администрација и американскиот народ“, напиша Гаши.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, ја проследи инаугурацијата на новиот претседател на САД, Доналд Трамп. Тој учествувал и на свеченоста "Гласови на слободата“ организирана од компаниите ,,Трамп Медиа" и Рамбл, која се одржа по инаугурацијата каде имал средби со блиски соработници на Трамп.
„Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и администрацијата на претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкурентно образование, брзорастечка економија, но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон, нашиот глас е се посилен“, рече Мицкоски.
Честитки упати и минитерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
„Честитки за изборот на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави. Пред нас е период на цврсто партнерство, зајакнати политички и економски односи, како и заеднички напори за градење мир и просперитет во светот“, рече Тимчо Муцунски, минитер за надворешни работи.