Нетанјаху го обвини Хамас за отстапување од договорот за прекин на огнот во Газа

Во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху се вели дека Хамас се обидува да „изнуди отстапки во последен момент“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини Хамас за отстапување од делови од договорот за прекин на огнот во Газа и рече дека неговиот Kабинет нема да се состане за да го даде потребното одобрение за договорот додека милитантната група не ги прифати сите елементи.

Во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху се вели дека Хамас се обидува да „изнуди отстапки во последен момент“.

Повеќефазниот прекин на огнот, објавен во средата по повеќемесечни преговори, требаше да стапи на сила во недела, доколку целосно биде одобрен.

Палестинските медицински лица соопштија дека израелските сили извршиле повеќе смртоносни воздушни напади во четвртокот во Појасот Газа. Агенциите на ОН рекоа дека се подготвени да донесат хуманитарна помош во Газа, каде што Обединетите нации велат дека најмалку 1,9 милиони од 2,3 милиони население се раселени, а 92 отсто од станбените единици се уништени.

Израелскиот претседател Исак Херцог ја понуди својата силна поддршка за прекинот на огнот по објавувањето на договорот во средата.

„Како претседател на државата Израел, најјасно велам: Ова е вистинскиот потег“, рече тој. „Ова е важен потег. Ова е неопходен потег. Нема поголема морална, човечка, еврејска или израелска обврска од тоа да ни ги вратиме синовите и ќерките“.