Израел и Хамас се согласија за договор за прекин на огнот во Газа и размена на заложници за палестински затвореници, изјави за Ројтерс официјален претставник запознаен со преговорите.
Слично објавија и други светски агенции.
Договорот ќе го отвори патот за крај на петнаесетмесечниот конфликт што го потресе Блискиот Исток.
Договорот ќе стане официјален кога ќе биде ратификуван од израелската влада, на седницата што треба да се одржи денеска или четврток.
Договорот дојде по неколкумесечни неуспешни преговори со посредство на Египет, Катар и САД, а сето тоа дојде само неколку дена пред инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.
Трамп ја поздрави веста за постигнатиот договор.
Реакција од Трамп - https://truthsocial.com/@realDonaldTrump/113833442957238587
„Имаме договор за заложниците на Блискиот Исток. Тие ќе бидат ослободени наскоро. Ви благодариме, напиша Трамп на социјалната мрежа Тruth social, пред претседателот Бајден да и се обрати на јавноста.
Неговиот пратеник за Блискиот Исток, Стивен Виткоф, изјави за израелскиот Канал 12 дека договорот е постигнат „благодарение на многумина и покажува дека политиката на мир преку сила победува“.
„Благодарам на израелскиот мировен тим, Катар, Египќаните, администрацијата на Бајден и, пред сè, на Доналд Трамп, чија политика на мир преку сила победи“, рече Виткоф.
Конфликтот започна кога членовите на Хамас, група која САД, ЕУ и Велика Британија ја сметаат за терористичка, го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи околу 250 заложници.