Спасувачите во кинескиот регион Тибет во средата трагаа по преживеани затрупани во урнатините, еден ден по силниот земјотрес во кој загинаа најмалку 126 луѓе, а 188 други беа повредени.
Кинеските власти соопштија дека досега се спасени повеќе од 400 луѓе. Околу 30.000 луѓе исто така се преместени по земјотресот, кој уништи повеќе од 3.600 домови.
Спасувачките напори ги комплицираа неколку стотици последователни потреси и ниските температури во регионот.
Кинескиот лидер Си Џинпинг повика на масовни напори за спасување за да се минимизираат жртвите и да се преселат оние чии домови биле оштетени.
Повеќе од 3.000 спасувачи беа распоредени, соопшти државната телевизија CCTV. Вицепремиерот Џанг Гуокинг беше испратен во областа за да ја надгледува хуманитарната работа, а владата одвои 13,6 милиони долари за напорите.
Околу 6.900 луѓе живеат во три населени места и 27 села на 20 километри од епицентарот на кинеска страна, соопштија државните медиуми.