Украинските сили го извршија, како што соопштија руските власти во средата, масовен напад со беспилотни летала врз регионот Саратов, предизвикувајќи штета на индустриско претпријатие.
Гувернерот на Саратов, Роман Бусаргин, рече дека цел на нападот биле соседните градови Саратов и Енгелс, област во која се наоѓа воздушната база за руските авиони бомбардери.
Генералштабот на војската на Украина на Телеграм објави дека нивните сили погодиле руско складиште за нафта во Енгелс, кое обезбедува гориво за воздухопловната база.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека уништило 11 украински беспилотни летала во регионот на Саратов, но не соопшти ништо за штетата во областа. Украинските напади со беспилотни летала обично се фокусирани на областите директно долж границата меѓу Украина и Русија, а некои таргетираат региони понатаму во Русија.
Саратов се наоѓа во југозападна Русија, на околу 450 километри од Украина.
Руското Министерство за одбрана во средата соопшти дека уништило вкупно 21 украински беспилотно летало над Курск, Ростов, Белгород, Брјанск, Краснодар, Волгоград и Азовското Море. Украинската војска во средата соопшти дека руските напади во текот на ноќта вклучиле 64 беспилотни летала главно насочени области во централна Украина.