Агелер – се разгледуваат имиња за „црната листа“ на САД

„Борбата против корупција е нешто за што сите во оваа земја, во Северна Македонија, но и во регионот, се многу загрижени.“, вели Агелер.

Низа имиња се разгледуваат за да бидат дополнети на американската „црна листа“ – амбасадорката на САД денеска потврди дека е за очекување дека на овој список на лица, вклучени во коруптивни активности, ќе има и новодојденци.

Кога, Анџела Агелер не прецизираше.

Листата на САД е многу динамична, постојано се дискутира за имиња и тие се разгледуваат.
Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Скопје

„Листата на САД е многу динамична, постојано се дискутира за имиња и тие се разгледуваат. Немам временска рамка, бидејќи тоа е одлука на Вашингтон, но, ве верувам дека додека зборуваме има низа имиња кои се земени предвид и секогаш сме отворени кон додавање нови лица на листата.“, изјави Анџела Агелер, амбасадорка на САД на Северна Македонија.

Оваа изјава за „црната листа“ која последен пат, со македонски државјани, беше дополнета во март годинава, беше одговор на новинарско прашање по Конференцијата за борба против корупцијата во Западен Балкан, прва од ваков регионален формат, што денеска се одржуваше во Скопје во организација на американската амбасада и Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот.

Повиците од САД, стратешкиот партнер на земјава, се дека борбата против корупцијата мора да се интензивира и дека американската администрација продолжува со поддршката.

„Борбата против корупција е нешто за што сите во оваа земја, во Северна Македонија, но и во регионот, се многу загрижени.“, вели Агелер.

Владата која пред 5 месеци ја презеде должноста најавува мерки против корупцијата, која како што изјави вицепремиерот за добро владеење, го еродира општеството и ги труе институциите.

Борбата против корупцијата е врвен приоритет. Владата веќе почна со преземање мерки за остварување на оваа цел.
Арбен Фетаи, вицепремиер

„Како држава се соочуваме со голем предизвик – корупцијата има навлезено во секоја пора на општеството, таа му се заканува на владеењето на правото, го дестабилизира социјалното милје и влијае врз демократските вредности. Не можеме ова да дозволиме да продолжи. Затоа, владата на Северна Македонија, заедно со меѓународните партнери е посветена да создаде робустни механизми за спречување корупција и барање отчетност од коруптивните лица. Борбата против корупцијата е врвен прироритет. Владата веќе почна со преземање мерки за остварување на оваа цел.“, изјави вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи.

Фетаи посочи и конретни мерки на новата влада како системски реформи, градење транспарентни институции, нула толеранција за прекршителите, конфискација на незаконскиот стекнатиот имот, дополнување на Кривичниот законик за негово усогласување со европските стандарди, завршувајќи со пораката дека „никој не е над законот“.

И претходните влади најавуваа таков пристап, но во последниот извештај на ЕК се нотира дека „земјава не направила напредок во справувањето со корупцијата“.