Албанија жали што Северна Македонија не ги завршила уставните измени - неочекувано директна беше претседателката на албанскиот Парламент за време на посетата земјава.
Тоа не беше единствениот сегмент за внатрешни прашања на Македонија, кој Елиса Спиропали го начна во настапот во Собранието – прати порака и за соодветната и правичната застапеност на Албанците во институциите, за употребата на албанскиот јазик, за балансерот чија примена Уставниот суд ја замрзна...
„Целосно ја препознаваме и ја разбираме загриженоста на албанскиот фактор за можноста од можни промени, во зависност од очекуваната одлука на Уставниот суд, но очекуваме дека ваквите нарушувања ќе имаат решение согласно духот што го диктира Охридскиот рамковен договор... Со одржување на кредибилна политика за проширување, ЕУ може да ги стимулира реформите и да поттикне чувство на надеж и насока. Во блиска иднина, императив е и за ЕУ, така и за земјите од Западен Балкан да ги потврдат меѓусебните заложби во процесот на пристапување. Во овој контекст, жалиме за неисполнувањето на обврската преземена од РСМ во однос на уставните измени. Тие овде и пошироко се гледаат како соодветна жртва со заслужената награда што недостасува“, изјави Спиропали.
Your browser doesn’t support HTML5
Изјавата на Спиропали за неисполнувањето на обврската за уставни измени доаѓа во период кога се погласно се зборува за можноста за одвојување на Македонија и Албанија во европристапувањето, нешто што пред две седмици го навести и самиот еврокоемсар за проширување велејќи дека „целта е во октомври да се одржат меѓувладини конференции со Србија, Албанија и можеби со Северна Македонија“.
Домаќинот на денешната средба, спикерот Африм Гаши, се надева дека Скопје и Тирана заедно ќе го продолжат патото до членство во Унијата.
„На средбата искажавме очекување и надеж дека нашите две земји заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција. Сметаме дека тоа е многу важно како за нашите две земји така и за останатите земји од регионот бидејќи заедничка ни е посветеноста за сѐопфатен развој на Западниот Балкан. Укажавме дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа е добар механизам за напредок и награди, што нé мотивира како земји да ги спроведуваме бараните реформи чиј краен резултат би требало да биде полноправното членство во Унијата“, кажа Гаши.
Речиси во исто време, во владата се одржуваше седница на Националниот совет за развој на кој премиерот уверуваше дека целта на неговара влада е ЕУ, но не под, како што рече, субјеткивни критериуми.
„Целта на оваа влада и на секоја наредна е и мора да биде членство во Европската Унија, не само поради тоа што како држава природно припаѓа таму, туку и затоа што нам ни се тие критериуми потребни за да имаме и подобар стандард и подобар живот. Исто така факт е дека предолго чекаме пред портите на ЕУ и се чувствува оправдано резигнирање и разочараност на граѓаните. Не може колективната цел да страда поради поединечни интереси и субјективни критериуми. Затоа наша цел овој период мора да биде и да остане членството во Европската Унија“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Во ваквите изјави на Мицкоски не верува лидерот на опозицијата Венко Филипче кој, на средбата со претседателката на албанскиот парламент, рекол дека е загрижен од политиката на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Актуелната власт не презема конкретни чекори во однос на забрзување на процесот на евроинтеграција на државата и покрај тоа што ветуваа дека дека ќе ја подобрат преговарачката позиција. Во моментов имаме ситуација кога патот кон ЕУ е доведен во ризична состојба, а со тоа и иднината на државата“, ѝ пренел Филипче на Спиропали.