Одделот за правда го тужи сопственикот на товарниот брод што предизвика уривање на мостот во Балтимор

Колапсот го заглави комерцијалниот транспортен сообраќај низ пристаништето Балтимор со месеци пред каналот целосно да биде отворен во јуни.

БАЛТИМОР (АП) - Одделот за правда на САД во средата го тужеше сопственикот и управителот на товарниот брод што го предизвика уривањето на мостот во Балтимор, барајќи да врати повеќе од 100 милиони долари што американската влада ги потроши за расчистување на подводните остатоци и повторно отворање на пристаништето во градот.

Во тужбата поднесена во Мериленд се тврди дека електричните и механичките системи на бродот биле неправилно одржувани, поради што тој ја изгубил контртолата и скршнал од курсот пред да удри во мостот Френсис Скот Ки во март.

„Оваа трагедија можеше да биде целосно избегната“, се вели во тужбата.

Колапсот го заглави комерцијалниот транспортен сообраќај низ пристаништето Балтимор со месеци пред каналот целосно да биде отворен во јуни.

„Одделот за правда работи на тоа трошоците за расчистување на каналот и повторното отворање на пристаништето Балтимор да бидат на товар на компаниите што ја предизвикале несреќата, а не на американскиот даночен обврзник“, рече писмено државниот обвинител Мерик Гарланд.

Случајот беше поднесен против сопственикот на Грејс Оушн Приват ЛТД и менаџерот Синерџи Марин Груп, двете фирми од Сингапур.

Компаниите поднесоа судска петиција неколку дена по колапсот, барајќи да ја ограничат нивната правна одговорност во она што може да стане најскапиот случај на морска оштета во историјата.

Карго бродот исплови од Балтимор кон Шри Ланка кога му откажа навигацијата поради прекин на струја. Шест членови на екипажот за работа на мостот загинаа во уривањето на мостот.

Тие работеа во текот на ноќта пополнувајќи ги дупките на асфалтот на мостот, кога тој одеднаш се урна, по ударот од карго-бродот.