„Кажавме дека сакаме да градиме добрососедски односи и тука немаме никаква дилема и ќе продолжиме да градиме добрососедски односи, туѓото не го сакаме, своето не го даваме.“, изјави Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија.
Your browser doesn’t support HTML5
Тоа се очекувањата на владиниот врв од утрешната посета на државната делегација предводена од шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова на Софија каде таа ќе се сретне со бугарскиот претседател Румен Радев, за првпат откако ја презеде функцијата. Најавите се дека не треба да се очекуваат разговори за суштински теми зашто Бугарија е во ново предизборие. Се смета дека посетата, која е дел од гостувањето на ансамблот на Националната опера и балет во Бугарија, треба барем малку да ги олабави односите на релација Скопје-Софија.
Денеска, токму во пресрет на утрешните средби, поранешните членови на македонскиот тим од заедничката историка комисија излегоа со отворено писмо до јавноста во кое одговараат на прозивките од новата влада дека нивната работа не била во насока на одбрана на националните интереси.
„Работата во Комисијата, која е експертско, а не политичко тело, за нас беше можност да се помогне во надминување на проблемите кои постојат помеѓу двете држави. Но, поради документите усвоени од страна на Владата во Софија (рамковната позиција и објаснувачкиот меморандум), неодговорното однесување на политичарите во двете држави, како и поради неодговорните и политизирани изјави на некои од колегите во бугарскиот дел од Комисијата и политички мотивираното заминување на новиот копретседател од македонска страна, таа беше злоупотребена за политички и партиски цели и интереси во двете земји“, пишува во писмото.
Членовите на комисијата кои неодамна беа разрешени сметаат дека изјавите на премиерот за нивната работа биле неаргументирани и обвинувачки, исто како и настапите на шефот на дипломатијата со кои, според нив, тој комисијата ја прогласил за политичко тело.
„На тој начин министерот кажа дека историјата и науката ќе бидат во служба на политичките позиции на Владата, а не на научните и академски принципи. Тоа е позиција која ја посакува токму официјална Софија, односно за историјата да се дискутира низ призма на политиката, а притоа сета одговорност за таквиот пристап да е на македонска страна“, се вели во соопштението во кое поранешните членови на комисијата бараат вклучување и на меѓународни експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ.
„Нека се вклучат експерти, ние сме за тоа за да се најде решение. Сега, овие политички флоскули што доаѓаат од поранешните членови на комисијата треба да се коментираат повеќе, не мислам. Потрошени се стотици илјадници евра народни пари за ништо – резултираше со капитулација со она што го прифатија двоецот Ковачевски-Османи. Тоа го сработи оваа комисија и потроши народни пари. Отсуството на доверба на оваа влада кон оваа комисија е прашање на политичка одлука, а не дали ќе се вклучи ОБСЕ, ќе се вклучи ОБСЕ, ама ќе се вклучат и истражните органи да видиме каде се трошеле парите, да видиме колкави се хонорарите“, изјави Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија.
Мицкоски вчера потврди дека историската комисија има нов состав, но јавно не го соопшти.
Неофицијално, на затворена владина седица, за нови членови биле избрани историчарите Васко Ѓорѓиев, Митко Панов, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини, и Димитар Љоровски.