Македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски е подготвен да седне на заедничка маса со властите во Софија за да разговараат за сите отворени прашања. Но, вели за тоа е потребна политичка Влада во Бугарија која очекува да биде формирана на есен после тамошните парламентарни избори.
„Јас посакувам што поскоро да има политичка Влада кај нашиот сосед со која можеме да дискутираме, да отвориме дијалог на повеќе нивоа, од највисоко ниво, до некое ниво на министерства за надворешни работи. Секогаш верувам во разумноста и секогаш верувам дека процесот на интеграција на нашата земја во ЕУ, колку е од наш интерес, толку е од интерес и за сите наши соседи“, изјави министерот за надворешни работи и трговија на Северна Македонија Тимчо Муцунски.
За сега не се гледа напредок во односите меѓу двете држави, ако се знае дека властите во Скопје не отстапуваат од својот став дека нема да има измени во Уставот под бугарски диктат и оти преговарачката рамка може да се промени. Министерот Муцунски вели дека треба да имаме сигурност дека процесите кои ќе ги водиме во иднина ќе бидат предвидливи.
„И тоа е значајно како за нас како држава, штитејќи ги националните интереси на граѓаните, така е важно и за ЕУ, бидејќи секоја дополнителна билатерализација на процесот на европска интеграција го руши легитимитетот на проширување на ЕУ. Ние велиме доколку се чувствуваме сигурни, патот понатаму може да се остварува според опипливи и мерливи критериуми, а кои произлегуваат од европски стандарди, тогаш имаме простор да дискутираме за како да го движиме патот на Македонија како држава, преку тој план што го предвидуваме“, рече Муцунски.
Техничкиот бугарски премиер, Димитар Главчев неодамна изјави дека нема да има промена на позицијата на Бугарија и оти сите во Брисел стојат зад заклучците на Советот на ЕУ од јули 2022 година.
Инаку претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова денес рече дека не планира да го свика Советот за национална безбедност, по наводите дека се подготвува дестабилизација на државата.
„Индиции за дестабилизација се едно, закани со дестабилизација се друго. Но реалноста е поинаква. Зошто јас реков дека нема да го свикам затоа што мислам дека во ова време невреме кога ние треба да се справуваме со пожарите како стихија, ние се соочуваме и со други закани под наводници. Не гледам дека сетие во моментот реланост и затоа реков дека немам намера да го свикам“, изјави претседателката на Република Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна рече дека неодговорното однесување на ДУИ е закана за мирот и стабилноста на државата.