Денеска на исто место се собра врвот на домашното судство и на меѓународната заедница за да дебатира за тоа до каде е имплем-нтацијата на препораките на Оценската мисија на ЕУ која направи скрининг на ситуацијата во Судскиот совет по низата проблематични одлуки и смени во ова тело.
Дел од амбасадорите проблемот го гледаат во човечкиот потенцијал и отпорноста на притисоци, а не на слаби законски решенија.
„Северна Македонија има добро изработени закони, добро опремени институции и искусни обвинители и судии, а повеќето од нив и патувале и имале размени со САД. Па се поставува прашањето како да почнеме да го надополнуваме оној јаз или недостиг на доверба на оние на кои треба да им служиме. Пораката е јасна и не се менува – работете ја работата која треба да ја работите, следете го законот, работете `за` луѓето, дајте отпор на политички притисоцви, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспарентноста. Напорната работа започна, веќе гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнеме.“, изјави Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Скопје.
Очекувањата од новата владејачка постава се големи – да се испорачаат промени, и во правосудната сфера, кои граѓаните ги очекуваат.
„Реформите треба да бидат системски, сеопфатни и инклузивни и треба да имаат за цел исполнување на стандардите на ЕУ, а и да овозможат функционално, транспарентно и праведно судство. Ова е она што граѓаните на Северна Македонија го очекуваат и заслужуваат и тоа ќе ја доведе земјата во ЕУ. Затоа, новата влада и Собранието имаат задача, со добра волја и добри намери, да се фокусираат на приоритетите во правосудниот сектор и тоа совесно да го работат.“, изјави Дирк Јан Коп, амбасадор на Холандија во Северна Македонија.
Токму Холандија ја прекина поддршката на Судскиот совет по незаконската смена на претседателката на ова тело – помошта продолжи по враќањето на Весна Дамева на функцијата. Сега, актуелниот состав на Судскиот совет се соочува со можноста за негово распуштање, нешто што владејачката ВМРО-ДПМНЕ го најавуваше во кампањата.
Пред неколку месеци Оценската мисија на Унијата за состојбите во Судскиот совет изготви извештај со 40 препораки – 17 на краток, 17 на среден и 6 на долг рок. Меѓу краткорочните препораки се исплаќање на буџет од 0,8% од БДП за судската власта, законски измени со кои членовите на Судскиот совет кои ги избира Собранието, би се бирале како членовите на Антикорупциска – со јавно сослушување, како и при изборот на членови од редовите на судиите да има цензус при гласањето...