Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги критикуваше, како што рече, плановите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја „шири војната“ во Газа во регионот. „Израел сега го насочува својот нишан кон Либан и гледаме дека западните сили зад сцената го тапкаат Израел по грбот, па дури и го поддржуваат“, им рече Ердоган пред пратениците во Парламентот.
Нетанјаху рече дека „интензивната фаза“ на борбите против Хамас во Газа наскоро ќе заврши и израелските сили ќе се прераспоредат на северната граница каде Израел и милитантната група Хезболах со седиште во Либан со месеци разменуваат оган. Нетанјаху ја означи промената како одбранбена.
Американските власти оваа недела го изразија своето противење, предупредувајќи го Израел на потези кои би можеле да го прошират конфликтот.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин му рекол на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант дека засилениот конфликт меѓу Израел и Хезболах може да доведе до регионална војна.
Остин повика на дипломатско решение додека беше домаќин на разговорите со Галант во вторникот.
„Уште една војна меѓу Израел и Хезболах лесно може да стане регионална војна, со страшни последици за Блискиот Исток“, рече Остин. „Дипломатијата е убедливо најдобриот начин да се спречи поголема ескалација. Галант, говорејќи пред средбата со Остин, рече: „Ние тесно соработуваме за да постигнеме договор, но мора да разговараме и за подготвеноста за секое можно сценарио“.
Израелската армија минатата недела соопшти дека има планови „одобрени и потврдени“ за борба против Хезболах.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен, исто така, го повика Израел да избегне ескалација во Либан кога се сретна со Галант во понеделникот.